ЗА ЦЕЛТА НА СТУДЕНТСКОТО ОРГАНИЗРАЊЕ

Sunday, October 18, 2009

Секоја организација постои затоа што се обединува околу некоја цел. А целите се постигнуваат со предизвикување на промени. Промените се предизвикуваат со здружување и делување. Со здружување настануваат организации. Здружувањето,за да e ефективно и ефикасно треба да е доброволно и масовно.

Триесет илјади македонски студенти се здружени во ССУКМ, СПУКМ, или како и веќе да се вика организацијта која треба да не обединува на универзитетско ниво. Триесет илјади се голема бројка. Голема маса на индувидуи. И сите тие се незадоволни!!! За сето време на Mакедонската независност, тие се незадоволни и маргинализирани. А што се промени од нивното незадоволство? Ништо.

Освен што секоја година редот за чекање на студентски прашања е се подолг и се потешко се добива место во се поруинираните студентски домови?
А, да, се укина и и категоријата на слободни говори на традиционалната ораторска вечер на правниот факултет со едноставно образложение ни треба еволуција! Каква глупост. Каков парадокс. Ретроактивна еволуција не е еволуција. Тоа е погубување на слободата на мислата и слободата на говорот! Тоа е срам за правото и правната држава, исто како што е срамно затварањето на студентското радио и укинувањето на студентскиот правобранител!

На сето ова, никој не реагираше. Или можеби реагираше на само нему познат начин, и ништо не промени.

Тоа ме натера да се запрашам која е целта на студентското организирање и зошто воопшто постојат студентски сојузи? Дали постојат за да изигруваат филандендров во неција дневна соба или навистина работат нешто?
После кратко истражување, имав што да видам.

Во Холандија се организирани како синдикати. При еден од универитетите имаат формирано дури и своја локална политичка партија при што на секои избори имаат барем едно место во градскиот совет, што им овозможува поголемо влијание, пристап до информации и фондови, и редовен контакт со институциите. Во секоја година од мандатот на советничката позиција доаѓа нов студент, за да се зачува транспарентноста. Една од студентските унии овозможува дури и здравствено осигурување.

Во Канада, нема што не прават. За пример ќе го посочам само фактот дека во 2007 година излобираа од Владата 800000000 долари плус за нивни иницијативи и социјални трансфери за студентите. Во 1998 година формираа т.н. Милениумска фондација за школарини која и ден денес дава стипедии и грантови на студентите на кои им е потребна помош.

Па и да не отидеме подалеку од Балканов, во Грција, студентската организација реализира најразлични проекти, дава обуки, организира петиции, организира демонстрации!!! Секоја пролет има нови студентски избори за да се осигура независноста од владејачката гарнитура и најдобро да се реализираат студентските интереси.

Во многу европски земји, ваквите студентски унии овозможуваат пракса за студентите, работа со скратено работно време, стипендии и обуки. Тие се активни членови на граѓанското општество и силни лоби групи во политичкиот живот.

Кај нас пак, се чини дека студентската организација е само пион во политичката игра. Слепо црево на обрзовната транзиција, заостаток од некој систем кој се бориме да го прекратиме а упорно не ни успева. Наместо да бидеме лидери, ние сме придружба и се прилепуваме кон актуелната власт за да ги полниме плоштадите после дадените, но неостварени ветувања на владејачката политичката гарнитура. И така е веќе 18 години. Што е најтрагично, најголем дел од нас не се ни трудат да сменат нешто, што од незнаење, што од лични интереси, што од страв. Страв. Зошто страв? Не сме еден, не сме петмина, не има најмалку 30000 секоја година. И сите сакаме промени, а не е промена тоа што “Месечината се врти околу Земјата”. Дури и на актуелните студентски лидери им е смачено од неправење ништо. Сите сакаме да живееме подобро, да имаме поквалитетно образование, да имаме коректен човечки, а не автократски однос со колегите и професорите. Тогаш, што чекаме?

Весна Поповска

Comments

No response to “ЗА ЦЕЛТА НА СТУДЕНТСКОТО ОРГАНИЗРАЊЕ”
Post a Comment | Post Comments (Atom)

Post a Comment