По официјалниот почеток на кампањата за студентски “лидер” на УКИМ би сакал да обрнам внимание на самиот конкурс по кој се избираа кандидатите за влез во изборната трка, а воедно би ја посочил и апсурдноста на структурна поставеност на студентското раководење, кое наликува на се, само не на парламент (како што го условуваат).
1.По кратка анализа на конкурсот за нов претседател на т.н Студентски парламент, најпрво би ги советувал идните потенцијални кандидати да не се мачат со пријавување, туку одма да се искачат скалило погоре и со време да започнат со подготовка на својта кандидатура за претседателските избори на РМ во 2014. Ова го велам од причина што шансата да се исполат условите за претседател на РМ се далеку пообјективни од оние на СПУКМ. За почеток ќе се осврнам на еден од условите во конкурсот кој вели дека кандидатот треба да собере 3000 студентски потписи за да се верификува неговата кандидатура. Прво што ми доаѓа на ум е тоа што никаде во самиот конкурс ниту пак во правилникот за избори не пишува во колкав временски период треба да се соберат потписите. Нејсе тоа туку, доколку направиме компаративна анализа (читај: проста математика) со потребните гласови за кандидатура за претседтел на РМ, ќе дојдеме до заклучок дека за да влезеш во изборна трка за претседател на СПУКМ ти треба поддршка од 5% од студентите, додека за претседател на РМ оваа бројка е далеку помала и изнесува 0,58% од граѓаните со избирачко право. Или конкретно доколку би се почитувал истиот процент на поддршка кој е потребен кај студентите со оној на претседателските избори на РМ, тогаш идниот претседател на РМ би требал да собере 100 илјади потписи, наместо досегашните 10 илјади.
Да не заборвиме дека на последните студентски избори, двајцата кандидати заедно на денот на изборите собраа нешто повеќе од 7000 гласови. или бедни 17.5 % гласови од студентската популација, што отвара пак прашање за легитимноста на студентскиот лидер кој се избира без никаков изборен праг, по мнозински изборен модел кој згора на се продуцира и изгубени гласови.
Следно нешто што е интересно да се продискутира од самиот конкурс е времетрањето на самиот мандат. “Изборите за Претседател на Студентскиот парламент се одржуваат на секои две години” вака стои во изборниот правлиник, но ние како исклучително трпелива студентска багра го частевме сегашниот лидер уште полни 6 месеци мандат. За работите да бидат поинтересни претседателот Малчевски објаснува дека се повлекува од функцијата претседател поради тоа што сакал да дипломира на природно-математичкиот факултет, нешто што не можел да го стори се додека е претседаетл на “студентскиот парламент” при УКИМ. По сеизгледа ни самиот претседател не е запознаен со статутот на својата организација каде член 43 вели: “За Претседател на Студентскиот Парламент на Универзитетот исто лице не може да биде избрано два пати едно по друго”. Очигледно е дека правилата за оваа (не)студентска банда се ништо повеќе од чиста формалност, која може да се менува кога ќе им дојде напамет.
Навлегувајќи подлабоко во небулозите од конкурсот вреди да се спомене и условувањето за минимум две годишно активно учество во студентското движење на УКИМ (читај: искуство во самоиловото царство), при што не е дефинирано што точно значи активно учество. Па се прашувам дали под активно учество се подразбира спортка активност од типот тунир во мал фудбал и ракомет (за тоа се цареви), дремење во канцелариите на СПУКМ, или пак се мисли на активното затворање на студентските гласила и активната незаинтересираност кон студентските иницијативи и протести. И како и за се друго така и овде има контрадикторност помеѓу конкурсот за избори и статутот на СПУКМ. Имено во конкурсот се вели дека е потребно две годиншно искуство, а во статуот се вели дека “Претседателот на Студентскиот Парламент на Универзитетот мора да биде член на Студентскиот Парламент на Универзитетот или Студентскиот Парламент на факултетот најмалку 1 година пред да биде избран за Претседател”.
Како шлаг на се, да не заборавиме дека ние сме редок пример, веројатно во групата на земји како што се Бурунди и Буркина Фасо, каде постои студентски парламент без пратеници. За жал, Студентскиот Парламент на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” e само преименуван наследник на поранешниот Сојузот на студенти.
Гореспоменативе и пар други нерегуларности се вистинско огледало за демократскиот дух во кој се одвиваат претседателските студентски избори. Овие избори сите заедно ќе стискаме палци да не го киднапираат претседателот на изборната комисија, како што тоа се случи на предходните избори со Хисан Амети, кој пак е приказна за себе. Човекот 3 пати во еден ден се предомисли дали го киднапирале.
2. Во врска пак со сегашната поставеност на студетското организирање, за разлика од перцепцијата на многумина кои сметат дека со доаѓање на права личност на чело на СПУКИМ ситуацијата ќе се подобри, јас сметам дека тоа нема да смени ама баш ништо, од повеќе причини;
Прво, идентификацијата со лидер aka реформатор е безначајна. На ваквата структурна поставеност на СПУКИМ не и треба реформа, која по дефиниција подразбира унапредување или подесување на сегашниот систем, туку, ваквиот систем треба да се отфрли, урне и да се започне со градење на нов, кој ќе се базира на сосем различни начела од постоечкиот. Тоа во кратки црти подразбира отвореност и демонополизација,(односно можност за влегување на разни студентски групи (формални и неформални) во управувачкиот процес), транспарентност во работењето и можеби најбитно од се, составување на вистинско меѓууниверзитетско претставничко парламентарно тело.
Ова звучи убаво ама со оглед на дефокусираноста на нашите студенти од нивните вистински проблеми и безрезервното приоретизирање на нивните партиски симпатии, сметам дека процесот на преврат е и те како сложен и долг.
Згора на се, некој мислел на време, па ги расштркал сите факултети и студентски домови низ цело Скопје, неоставајќи просотор за создавање на јадро во студентските кампуси.
Недалеку од кај нас, студентот е симбол на ентузијазам, ревност, воодушевеност, преданост, жар, загреаност, поборство, фанатизам, верност, гнев, посветеност, предаденост...додека кај нас студентаријата е симбол на аморфност, лутање, поткупливост, плашливост и тотална незаинтересираност.
Мартин Галевски
Comments
No response to “Конкурсни услови”
Post a Comment | Post Comments (Atom)
Post a Comment